Пробаскет и Патриот последни изборија место во женскиот кошаркарски плеј-оф

Екипите на Пробаскет и на Патриот 2016 ќе бидат дел од плеј-офот за шампионсита титула. Ова откако двете екипи излегоа како победници во бараж-дуелите со своите ривали, екипите на Тим Арена и Струга 2009.

Во реванш средбите кавадарчанки без проблеми славеа на гостински терен во Штип, по втор пат ја совладаа екипата на Тим Арена, со убедливи 65-87, а во исто време тоа означи и опстанок за нив во Првата А лига.

Таму во наредната натпреварувачка сезона ќе играат кошаркарките на Патриот 2016 кои и по вторпат беа подобри од Струга 2009, сега и на домашен терен, во Делчево, со високи 76-56, за 2-0 во серијата, по која се формирани и четвртфиналните двојки за плеј-офот кој стартува на 20 април.

Како носител на натпреварувачкиот број 8, Патриот 2016 за противник ќе ја има првопласираната екипа во регуларниот дел од сезоната во Првата А лига, Баскет Кам 2011, додека пак Пробаскет, кој ја задржа седмата позиција, ќе ја „продолжи“ сезоната со четвртфиналната серија против скопски Вардар.

Од претходно беше познато дека во другите две четвртфинални двојки ќе разигруваат екипите на Куманово-Гризли и Бадел 1862, односно МЗТ Скопје Аеродром и Крива Паланка.