• Саше Љолес

Управата на македонскиот прволигаш Пелистер објави дека дерби-натпреварот против МЗТ Скопје во Првата македонска лига ќе биде посветен на прерано починатата кошаркарска легенда, Зоран Петковски.
Поранешниот кошаркар на „зелено-белите“ остави длабока трага во спортот во Битола, а управата реши сите приходи од продадените влезници да бидат наменети за семејството на Петковски. Од таборот на фудбалскиот клуб Пелистер, пак, информираат дека од вечното дерби против Вардар веќе се собрани 217.111 денари, средства кои исто така ќе бидат префрлени кај семејството на Петковски. Исто така и ОК Пелистер волеј го донираше приходот од натпреварот против Младост УГД за семејството на Петковски. На овој начин, клубот ќе се обиде барем малку да ја ублажи болката на најблиското опкружување на Петковски, кој почина сосема неочекувано минатиот месец.
Дербито во Битола ќе има хуманитарен карактер, а Пелистер ќе се обиде да го победи македонскиот шампион и да ја продолжи победничката низа на стартот од сезоната. Битолчани досега забележаа пет чисти победи во елитното друштво.
Натпреварот помеѓу Пелистер и МЗТ Скопје ќе се одигра на осми ноември во салата „Боро Чурлески“ во Битола. Почетокот е закажан за 20:00 часот.










