Претседателот на МЗТ на дисциплинска поради навреди на – „Фејсбук“!

Претседателот на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, е предаден на дисциплинска постапка од страна на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), поради навреди на социјалните мрежи, а упатени кон делителите на правдата на натпреварот меѓу Работнички и МЗТ Скопје.

Информацијата е објавена во билтенот на МКФ, а во истата стои дека поради јавно коментирање, функционерот на МЗТ од страна на Претседателот на судиската комисија, ќе подлежи на санкција.

„По пријава од Претседателот на Судиската Комисија на МКФ поради јавно коментирање и изречени навреди на социјалните мрежи кон судиите кои го судеа натпреварот помеѓу КК Работнички – КК МЗТ Скопје Аеродром, Претседателот на КК МЗТ Скопје Аеродром Тони Грнчаров е предаден на Дисциплинската комисија при МКФ за да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност“, стои во билтенот.

Според дисциплинскиот правлиник, играч, тренер или друг член кој неспортски се однесува или јавно ги критикува судиите, ќе се казни со забрана на играње или вршење должност на одреден број натпревари, или ќе се соочи со парична казна.

Со санкција ќе се соочи и домаќинот на „вечното дерби“ Работнички, поради навивачите, кои за време и по натпреварот плукаа, а по натпреварот фрлија и тврди предмети кон гостинот од Аеродром. За плукање на актери, центарци ќе платат 30.000 денари, како и додатни 30.000 денари, за фрлање на тврдите предмети.

Санкција од 20.000 денари доби и МЗТ Скопје, за палење на димни бомби од страна на „Фемили Аеродром“.