Пред години изјави дека мрази да работи со Обрадовиќ, сега е пред потпис со Партизан

Поранешниот европски првак, белградски Партизан, го таргетира своето прво засилување за следната сезона, а како што објави „Спортандо“, желбата на српскиот тим, како и на тренерот Жељко Обрадовиќ е легендарниот кошаркар на Евролигата - Ник Калатес.

Откако сезонава ги брани боите на Монако, клуб со кој стигна до завршницата во Евролигата, искусниот плејмејкер наводно одлучил да го напушти кнежевството, а како што објави италијанскиот портал, Партизан ќе се обиде да ја искористи оваа ситуација и да обезбеди квалитетно засилување на позицијата плејмејкер.

Поради бројните повреди, Ник Калатес одигра само 11 натпревари оваа сезона, а доколку има некаков контакт со Партизан и успешни преговори, познатиот грчки кошаркар, кој е роден во Соединетите Американски Држави, каде што се школувал, повторно ќе има можност да соработува со Жељко Обрадовиќ, под чие водство работеше во Панатинаикос во 2009 година, кога првпат стапна на европско тло.

Тоа беше неговата прва средба со европската кошарка и како што еднаш призна, мразеше да работи со српски тренер.

„Работев со Жељко Обрадовиќ во мојата прва година. Го мразев тој период и таа соработка. Никогаш не ја разбирав европската кошарка и играта. Но, во втората и третата година веќе сфатив како треба да играм“, рече Калатес.

Покрај Панатинаикос, каде што помина осум години во два мандата, Калатес играше и за Локомотив Кубан, Мемфис, Барселона, Фенербахче и Монако, каде што пристигна од Турција кон крајот на јуни минатата година.