Прајс: Дисциплина во нападот и цврста одбрана се рецепт за успех со Цедевита Јуниор

Кошаркарите на Пелистер ќе се судрат со Цедевита Јуниор во рамките на ФИБА Европа купот. Победа би значела одржување на шансите за пласман во следната фаза, па тоа ќе биде примарна цел за „зелено-белите“ на мечот во Битола. 

Пред натпреварот своите очекувања ги сподели Остин Прајс, Американецот кој игра во одлична форма оваа сезона.

„Дисциплина во нападот, да знаеме да ја контролираме топката и да имаме што помалку загубени топки. Тоа е она што ќе биде најважно, секако со цврстата одбрана која мора да биде на далеку повисоко ниво во однос на нашиот последен европски натпревар. Во Загреб нашата енергија не беше на задоволително ниво, им дозволивме многу отворени шутеви што тие знаеја да ги искористат. Цедевита е тим со квалитетни стрелци и играчи кои многу се борат во рекетот. Не се непобедливи, верувам дека можеме да одговориме на нивната игра, доколку сме енергични во борбата за секоја топка и агресивни во одбраната можеме да ги исфрлиме од ритам и да стигнеме до победата. Играме дома, пред нашите верни навивачи и ќе сториме се за повторно да ги израдуваме“, истакна Прајс во пресрет на утрешниот натпревар.

Средбата меѓу Пелистер и Цедевита Јуниор се игра в среда во терминот од 20:00 часот. Ривалот е лидер во групата на пелистерци, а тоа е мотив повеќе за тимот на Борче Даскаловски.