• Иван Димовски
Кошаркарите на Денвер Нагетс врзаа три победи во низа, овојпат славејќи во својата „Бол Арена“ против Хјустон Рокетс со 134-124. Пресметката во Колорадо му припадна на домаќинот кој уште од стартот се наметна и водеше низ текот на мечот.
- Денвер Нагетс - Хјустон Рокетс:
Најдобар на паркетот одново беше Никола Јокиќ. Иако во текот на вчерашниот ден се зборуваше дека српскиот центар е повреден и постојат шанси да не заигра против тимот од Тексас, сепак Јокиќ забележа „трипл-дабл“ и беше херој на својот тим. Тој натпреварот го заврши со 32 поени, 15 асистенции и 10 скока, додека двоен ефект имаше и Портер (30 поени, 10 скока). Во таборот на Хјустон се истакна Грин со 26 поени.
Гостински триумф во Детроит запишаа Лејкерси со убедливи 107-133. Екипата од Лос Анџелес го надигра и победи домаќинот во „Литл Каесарс Арена“ предводен од моќните партии на водечкото трио. Најефикасен беше Деанџело Расел со 35 поени, меѓутоа моќна партија во два правци имаше Ентони Дејвис со 28 поени и 16 скока, а солиден беше и Џејмс со 25. Во таборот на индиспонираните Пистонси, најдобар беше Канингем со 15 поени.
- Детроит Пистонс - Лос Анџелес Лејкерс:
Победа запиша и вториот тим од Лос Анџелес, Клиперс кој на гости слави кај Сакраменто (117-131). Иако домаќинот го имаше нарасположениот Фокс (40 поени), добрите партии на Каваи Ленард (34 поени), Џејмс Харден (26 поени), Пол Џорџ (19 поени) и Теранс Ман (18 поени) ја поведоа екипата од Калифорнија до триумф.
- Сакраменто Кингс - Лос Анџелес Клиперс:
На останатите терени Орландо го совлада Вашингтон, Торонто беше подобар од Феникс, Мемфис триумфира дома со Јута и Њу Орлеанс победи против Филаделфија.