Потврден историскиот момент: На „Бернабеу“ во Мадрид ќе се игра кошарка

Шпанија ќе биде домаќин на Европското првенство во кошарка во 2029 година и на овој настан ќе има историски момент - ќе се игра кошарка на стадион во Европа.

Дел од групната фаза и самото финале ќе се одржат во Мадрид, а оваа одлука значи дека ќе се оствари идејата што се крчка веќе некое време, а тоа е стадионот на фудбалскиот клуб Реал Мадрид да биде место на одржување на натпреварите за медали.

Мечевите на познатиот „Сантијаго Бернабеу“, ќе бидат историски момент за кошарката на Стариот континент.  Покрај во шпанската престолнина, групите ќе се играат и во Грција, Словенија и Естонија, објави ФИБА.

Шпанија последен пат беше домаќин на континенталното првенство во 2007 година, кога „Црвената фурија“ стигна до финалето, каде што загуби од Русија.