• Саше Љолес
Кадетската репрезентација на Македонија одигра уште еден силен подготвителен натпревар пред почетокот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години, кое од шести до 15 август ќе се одржи во Скопје и Гевгелија.
Во последната контролна средба пред шампионатот, избраниците на селекторот Дејан Стојановски беа поразени од селекцијата на Велика Британија со 82-72, во натпревар во кој покажаа карактер, борбеност и реакција во моменти кога противникот имаше висока предност.
Британската селекција подобро го отвори натпреварот и во првиот дел создаде значајна предност, но македонските кадети не се откажаа. Со подобра игра во продолжението успеаја да се вратат во мечот, да ја намалат негативата, а во третата четвртина дури и да поведат со 51-50.
Сепак, физички силната репрезентација на Велика Британија во завршницата успеа да ја задржи предноста и да стигне до победата. Селекторот Дејан Стојановски е задоволен од пристапот и карактерот што го покажаа неговите избраници во последната проверка пред настапот на континенталниот собир.
„Презадоволни сме од борбеноста и тимската игра. Она што го трениравме успеавме да го покажеме на теренот. Да немавме повеќе загубени топки, ќе имавме шанса и да победиме против ваква репрезентација.
Но, резултатот од оваа средба не е најважен. Најважно е да бидеме подготвени за шести август. Добро е што сите играчи се здрави и се подготвуваме за првиот натпревар на првенството“, додаде Стојановски.
Со оваа проверка завршува подготвителниот период за македонската селекција, која наскоро ќе го има првиот настап на Европското првенство во Дивизијата „Б“, чиј домаќин е токму нашата земја.