• Иван Димовски
Кошаркарите на Пелистер загубија од Џокер (77-81), во рамките на третата рунда на групната фаза во АБА-2 лигата. Не успеа домаќинот во салата „Боро Чурлевски“ до втора победа, па го забележа вториот сезонски неуспех и си ја отежна битката за пласман во нокаут фазата.
Се отвори со максимално израмнета игра и така беше сè до 6-7. Тогаш пелистерци врзаа мини серија од 11-1 и првпат поосетно поведоа, ама следеше опуштање и гостинот се врати до 20-17. Диктираше темпо Пелистер до полувремето. Втората четвртина ја отвори одлично и поведе за првпат двоцифрено (32-21), но повторно следеше пад. Џокер знаеше да го казни тоа и дојде до егал (34-34), а до одморот паднаа уште неколку поени и се замина на полувреме со 38-35.
Во вториот дел гостинот се наметна и диктираше темпо. Џокер го презеде водството и дојде максимално на 11 разлика на стартот на последната четвртина. Пелистерци имаа добар одговор на тоа, се вратија до 62-66.
Се играше драматична завршница во која гостинот од Србија бранеше позитива. Често се одеше на линијата за слободни фрлања, а Џокер тоа го искористи и забележа важна победа во Битола.
Најефикасен играч на средбата беше Бркиќ со 24 поени, додека кај пелистерци се истакна Маркус Едвардс со „дабл-дабл“ учинок (18 поени, 10 скока).