Поранешен играч и тренер кој работи како коментатор, опција за Лејкерси

Екипата на Лос Анџелес Лејкерс во следната сезона ќе влезе со нов тренер, откако Франк Вогел заработи отказ. „Езерџиите“ и покрај тоа што во тимот имаат ѕвезди како Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, не успеаја да изборат место во плеј-офот, а цехот го плати првиот тренер. 

Клубот од Калифорнија бара алтернатива за следната сезона, а една од опциите е човек кој со години работи како коментатор и аналитичар на НБА натпреварите. Се работи за Марк Џексон, поранешна ѕвезда на Њујорк Никс, како и тренер на Голден Стејт Вориорс. 

57-годишниот поранешен плејмејкер беше одличен на својата позиција пласиран е петти на вечната листа со 10,334 асистенции, а заврши и добра работа како тренер на „воините“ од 2011 до 2014 година. Потоа се посвети на коментирањето и медиумите, меѓутоа сега е повикан на интервју за тренерското столче во Лејкерси. 

Покрај „езерџиите“, за услугите на Џексон се интересираат и од Сакраменто.