Попович за спектаклот во Мелбурн: Беше како на филм, се прашував што по ѓаволите се случува овде!

Беше вистински спектакл во Мелбурн. Учесниците на Светското првенство во Кина, Австралија и САД денес пред 51.000 навивачи на фудбалски стадион одиграа атрактивен натпревар, кој заврши со победа на Американците од 102-86. 

Дека овој меч беше посебен говори изјавата на селекторт на Американците, Грег Попович. Тренерската легенда вели дека во текот на сите 40 минути чувствувал како да е дел од снимање на филм. 

„Имав чувство како да сум на снимање на филм. Се вртев зад мене, бидејќи мислев дека можам да паднам од сцена. Во еден момент им реков на помошниците – по ѓаволите што се случува овде? Тоа беше многу чудна ситуација за нас тренерите“, рече Попович.

Со 24 поени Кемба Вокер беше најпрецизен во таборот на САД, Мајлс Тарнер реализира 15 поени и 14 скокови, Мичел броеше 13, а Кузма беше автор на 12 поени. Први стрелци кај Австралија беа Гоулдинг и Милс со по 19 поени.