Попович: Не постојат „други играчи“, туку само тие што се овде и жртвуваа многу!

Стратегот на САД, Грег Попович, по поразот од Франција на Светското првенство во Кина и елиминацијата во нокаут-фазата, застана зад своите играчи. На прес-конференцијата, Донован Митчел доби прашање околу ростерот на САД, но во целата конверзација се вмеша стратегот.

Тој истакна дека не го интересираат „другите играчи“ и дека е големо непочитувањето и кон САД и кон Франција да се зборува на таа тема за време на Мундијалот. Воедно, Попович потенцира дека е горд на момците што го носеле дресот на САД на овој светски собир.

„Мислам дека тоа прашање е големо непочитување. Не личи сега да се зборува така, „еј, ако го имаше тој и тој играч“. Тоа е непочитување и кон Франција или кон било кој на овој турнир. Франција успеа да победи. Не е важно кој е во тимот. Горд сум на овие 12 играчи кои го жртвуваа летото за да бидат овде. Тие никогаш не играле заедно, но и покрај тоа влегоа во сала и заслужуваат почит за тоа. Не е се во „САД не ги имаше другите играчи“. Епа, нема такви „други играчи“. Играчите се тие, што се овде. И тие направија одлична работа. Горд сум на нив“, изјави Попович.

САД во мечот за петтото место ќе се соочи со Србија. Двете селекции многумина ги гледаа во финалето, но на Мундијалот тие нема да играат за одличје.