• Саше Љолес
Една од ѕвездите на НБА лигата, Демар Дерозан, откри интересни детали за начинот на кој легендарниот тренер Грег Попович ги мотивирал кошаркарите на Сан Антонио Спарс, истакнувајќи дека за него животните вредности секогаш биле поважни од резултатите на теренот.
Дерозан раскажа дека наместо класични мотивациски говори, Попович понекогаш им прикажувал документарни снимки од земји погодени од војни и сиромаштија.
„Ќе дојдевме на тренинг, а тој ќе ни пуштеше снимки од деца кои наместо да играат, се обучуваат да користат оружје. Потоа ни велеше: ‘Вие имате привилегија да играте кошарка, да заработувате милиони и да се грижите за своите семејства’“, изјави Дерозан.
Тој нагласи дека Попович секогаш ги потсетувал играчите да не забораваат што е најважно.
„За него прво беше човекот, потоа семејството, а кошарката секогаш беше на последно место. Често велеше дека не му се најважни победите и титулите, туку дали неговите играчи и нивните семејства се добро.“
Според Дерозан, токму ваквиот пристап го издвојува Попович како еден од најпочитуваните тренери во историјата на најсилната светска кошаркарска лига.