• Иван Димовски
Крис Пол стави крај на својата богата НБА кариера, а во своето прво обраќање по завршувањето на професионалниот пат зборуваше и за начинот на кој беше третиран од Лос Анџелес Клиперс.
Искусниот плејмејкер долги години беше меѓу најдобрите организатори на играта во НБА-лигата, а во кариерата настапуваше за Њу Орлеанс Хорнетс, Лос Анџелес Клиперс, Хјустон Рокетс, Оклахома Сити Тандер, Феникс Санс, Голден Стејт Вориорс и Сан Антонио Спарс.
Пол најголемиот дел од своите најдобри години ги помина во дресот на Клиперс, поради што начинот на кој клубот се раздели со него предизвика големо незадоволство во јавноста и меѓу дел од играчите во лигата.
„Кога ќе ја погледнам целата ситуација, веројатно непочитувањето е една од најтешките работи што сум ги доживеал. Поминав низ многу луди работи во текот на кариерата. Имам постари деца и сопруга која е многу упатена во сè што се случува секојдневно во тимот и организацијата. Секако дека бев лут, но моето семејство, моите луѓе, сите околу мене... Мислам дека сето тоа беше уште потешко поради тоа колку долго вложувавме во тој тим и поради начинот на кој сè беше решено. Тоа ви покажува дека, без оглед на тоа што правите или што сте направиле, на крајот никому не му е гајле“, прокоментира Пол.
Пол кариерата ја заврши без клуб, откако Торонто се откажа од него по трејдот од Клиперс, со што стави крај на 21-годишниот престој во НБА.
