Погледнете што ги чека МЗТ и ТФТ: АБА-2 станува како фудбалската ЛШ

АБА Лигата го најави најголемото структурно освежување досега – од сезоната 2025/26, АБА-2 лигата ќе добие целосно нов, модерен и стратешки осмислен натпреварувачки систем. Оваа промена има за цел да ја зголеми конкурентноста, да донесе повеќе возбуда во регионалната кошарка и, што е најважно, да обезбеди заштита на календарите на домашните лиги и ФИБА прозорците.

Главното е поставувањето на нов формат, систем на лига со четири „шешири“. Во сезоната 2025/26, АБА 2 ќе брои вкупно 16 екипи, распоредени во четири „шешири“ според нивото на квалитет. Целта на оваа поделба е секој тим да има балансирани и конкурентни противници.

Сите тимови ќе бидат дел од една заедничка табела, односно единствен лигашки систем, а секој тим ќе одигра по осум натпревари во регуларниот дел од сезоната. Два натпревари ќе бидат против тимови од сопствениот „шешир“, а уште по два натпревари ќе бидат против тимови од секој од останатите три „шешири“ (вкупно шест натпревари)

Распоредот е правично дизајниран со четири натпревари дома, четири на гости. Тимови од иста земја нема да се сретнат во регуларната сезона, а исклучок е доколку една земја има четири претставници, тогаш е дозволено едно домашно дерби.

Најдобрите осум екипи од регуларната сезона ќе се пласираат во Плејоф фазата. Сите три фази ќе се играат по принцип „најдобар до три“, при што тимот со подобар резултат во регуларниот дел ќе има предност на домашен терен.

Во случај на идентични биланси, приоритетот се одредува според следниве критериуми:

- Меѓусебен скор
- Кош-разлика од меѓусебните дуели
- Вкупна кош-разлика во регуларната сезона
- Ждреб, доколку и понатаму има изедначеност

Сите натпревари ќе се играат во текот на работната недела – секогаш во вторник или среда. Ова овозможува непречено функционирање на домашните лиги и целосно усогласување со меѓународните обврски, вклучително и ФИБА репрезентативните прозорци, кои се внимателно интегрирани во календарот.

Македонија во новата АБА-2 сезона ќе има вкупно два претставника, тоа се првакот МЗТ Скопје и вицепрвакот ТФТ Скопје.