• Саше Љолес

Новата сезона во НБА лигата ќе започне за нешто помалку од еден месец. Екипите полека влегуваат во екот на подготовките, а наскоро се очекува и стартот на претсезонските мечеви.
Голден Стејт Вориорс одново имаат исклучително силен тим, а за ситуацијата во клубот зборуваше и тренерот Стив Кер, кој најмногу се осврна на новото засилување, плејмејкерот Крис Пол.
„Имаме неколку новини во тимот, а меѓу нив е секако и доаѓањето на Крис Пол. Сега мислам дека имаме шестмина стартери во ростерот и ќе биде интересно да видиме како ќе ротираме. Крис е одлично момче, ми се допаѓа што е отворен и искрен. Сака повеќе да разговараме лично или телефонски, а не преку пораки на социјалните мрежи.
Тој одамна знае дека му се восхитувам и сум фан на неговата кошаркарска интелигеција. Тоа првпат му го предочив кога пред неколку сезони нѐ победија во Феникс. Имавме неколку битки против него минатиов период, но јас секогаш обрнував големо внимание на него. Се сеќавам кога го водев тимот на Ол-Стар мечот во 2015 година. Тој во завршните минути ја презема играта во свои раце и скоро сам ја донесе победата, иако бевме во негатива.
Мислам дека Крис Пол е еден од најдобрите играчи кои сум ги видел во животот. Начинот на игра, контролата врз играта, организацијата на нападите, поентерските способности, тоа се сите негови атрибути кои го прават еден од најдобрите во историјата. Атмосферата во тимот е одлична, момчињата немаат суети и сите ќе играат во функција на тимот. Се радувам многу и едвај чекам да започне новата сезона“, изјави харизматичниот тренер на Голден Стејт.
Стив Кер неодамна се врати од Мундобаскетот, каде работеше како селектор на Соединетите Американски Држави. Голден Стејт Вориорс е седумкратен освојувач на НБА лигата, а дури четири од овие седум титули беа остварени во последните девет години. „Воините“ и во новата сезона се вбројуваат меѓу главните фаворити за пиедесталот во најсилното кошаркарско натпреварување.