Подмладената Македонија по изненадување во Киев со Украина

Кошаркарската репрезентација на Македонија ја чека нов голем предизвик, на гостувањето во „Спортс Палас“ во Киев и дуелот од втората рунда на квалификациите за Мундијалот против Украина. 

По поразот од Шпанија, подмладениот состав предводен од Драган Бајиќ има нова тешка задача. И Украина отвори со пораз, во тесен дуел во Тбилиси загуби од Грузија. Избраниците на Багатскис се мотивирани, сакаат да го искористат домашниот терен и на сметка на Македонија да дојдат до првата победа во групата Г на патот кон третата рунда од квалификациите. 

Од друга страна, Бајиќ со лимитиран состав и истите дванаесет играчи од дуелот со Шпанија мора да се надева на чудо. Во пресметката со „фуријата“, Македонија доби играч за иднината во името на Теодор Симиќ. 17-годишникот одигра одличен натпревар, беше најефикасен и најави дека пред него е блескава иднина. Сега, заедно со Вајли, Мекиќ, Стојановски, Николов, Крстевски... Македонија ќе брка прво славје во квалификациите за Светското првенство. 

Иако важат за аутсајдери, момците на Бајиќ со сигурност нема да излезат на теренот во Киев со бело знаме. Пресметката меѓу Украина и Македонија е закажана за денес со почеток од 18:00 часот.