Подмладената Финска вторпат подобра од Естонците

Втор натпревар на гостински терен и втор пораз запишаа кошаркарите на Естонија, противникот на Македонија во квалификациите за Евробаскетот. Избраниците на Јука Тоијала се поразени уште еднаш од селекцијата на Финска, навистина, сега со доста помала негатива (67-75) во однос на првата проверка на овие две репрезентации.

Но Финците ни покажаа како треба да се игра против нашиот противник со потекло од Балтикот, а со кој во ноември во Талин, ќе ја биеме веројатно и одлучувачката битка за пласман на Евробаскетот во 2021 година.

И со доста подмладен состав, на Финците повторно им беше потребна една добро одиграна четвртина. Онаа третата, во која по израмнетото прво полувреме (34-34) стигнаа до убедлива предност (59-47), која ја одбранија во последната четвртина.

Натпревар во кој Кер Криса даде 1 .поени, Крегор Хермет 13, а Сандер Раиесте 11 поени и уште девет скока.

По овој пораз Естонците стигнаа до половичен резултат на овие мини подготовки во кои одиграа четири натпревари. Ги победија првите два, со Литванија (92-85) и Летонија (84-67), а загубија во двата меча на гостувањето во Финска (76-97 и 67-75).