Почина Вилис Рид, единствен МВП во историјата на Њујорк Никс

Легендарниот кошаркар на Њујорк Никс, Вилис Рид, почина денес во осумдесеттата година од животот, јавуваат американските медиуми. 

Рид беше освојувач на два шампионски прстена, во 1970 и 1973 година, а ќе остане запаметен и како единствен играч во историјата на Никс кој се закитил со признанието за најкорисен играч на лигата (МВП). 

Вилис Рид помина десет извонредни години во НБА-лигата и сите сезони настапуваше за тимот од „големото јаболко“, а беше и МВП на Ол-Стар натпреварот во 1970 година.

По пензионирањето, Рид работеше и како тренер и како асистент во тимот. Тој исто така бил избран и за најдобар дебитант или „руки“ на лигата во 1965 година, а примен е и во Куќата на славните во 1986 година. 

На ѕидините на „Медисон Сквер Гарден“ одамна е кренат неговиот дрес со бројот 19. Вилис Рид ќе биде запаметен како еден од најголемите играчи во историјата Никс, како и на НБА-лигата.