Почина Лазар Лечиќ – човекот без кого мак-кошарката немаше да биде иста

Синоќа во Скопје, на 85-годишна возраст почина Лазар Лечиќ, една од најголемите легенди во македонската кошарка. Лечиќ беше високо почитуван и во поранешна Југославија, а тој се смета за основоположник на македонската квалитетна кошарка и зад своето име има безброј успеси, кои навистина е тешко да се издвојат.

Нема човек кој ја сака кошарката, а да не чул за популарниот Лазо. Лазар Лечиќ е кошаркарски стручњак кој се смета за творец на македонската квалитетна кошарка и човек кој имал огромна улога во излезот на македонските кошаркарски клубови во Европа во 70-тите и 80-тите години. Во својата доживотна одисеја има освоено многу престижни награди како „11-ти Октомври“, „13 ноември“, „8 септември“ за животно дело во 2015 година во областа на спортот, Златна Бубамара и.т.н. Член е на Клубот на Великаните на МОК од 2001 година.

Својата професионална кариера Лечиќ ја започна во Работнички во 1957 година и остана во клубот до 1962 година, пред да се пресели на тренерската позиција. Како играч освои две титули во тогашната Македонска Републичка Лига во 1960 и 1961 година, но, сепак, неговото вистинско влијание во кошарката се случи кога стапи на тренерската позиција. Во 1962 година седна на тренерската позиција во Работнички и веднаш направи големо влијание. Како доминантна сила во Македонија под крилјата на Лечиќ, Работнички ги освои титулите во 1963 и 1964 година, а екипата под негово водство се пресели во Првата сојузна кошаркарска лига.

Лечиќ работеше во Скопје до 1972 година, а потоа се пресели во КК Борац Чачак за сезоната 1972/73, кога екипата заврши на четвртото место во Првата кошаркарска лига во Југославија, како најголемо достигнување на клубот во историјата. Следната сезона стратегот се пресели во Словенија, во екипата на Олимпија Љубљана, за да во 1975 година пак да се врати во Работнички.

Во неговата втора авантура кај центарци како тренер, Работнички го донесе до полуфиналето на ФИБА Сапорта Купот, резултат кој е еден од најголемите успеси во историјата на тимот. Работнички во полуфиналето на гости загуби од милански Цинцано со 24 поени разлика, а во Скопје го победи со 19. Но, вреди да се напомене дека играчите на Лечиќ тогаш забележаа големи успеси, затоа што беа совладани екипи како ЦСКА Москва и Олимпијакос.

Во 1978 година Лечиќ се врати во Олимпија каде престојуваше до 1982 година. Лечиќ потоа по само една година се врати во родниот град, но овој пат во клубот Скопје, подоцна МЗТ Скопје. Во 1986 година, екипата предводена од стратегот стигна до пласман во Југословенската Прва кошаркарска лига каде се натпреваруваше две сезони.

Во 1990 година Лечиќ се пресели во Грција во редовите на КК Арис со кого играше во Евролигата. Со тимот стигна до полуфиналето во 90/91 и четвртфиналето во 91/92. Тој исто така ја освои грчката лига во 90/91 и грчкиот Куп во 91/92. По грчката авантура, земја во која стана легенда, следеше уште една сезона во МЗТ Скопје во 1996 година, го освои Купот на Македонија, па по три години мирување, во 1999 година го презеде Никол Ферт кого го направи шампион.

Покрај клупската кариера, Лазар Лечиќ имаше и неверојатна национална кариера како тренер во Југословенската репрезентација. Најголем дострел му е златниот медал од Светското првенство во Љубљана во 1970 година, како прв помошник на селекторот Ранко Жеравица. Македонецот имаше големо влијание и во доминантните години кога Југославија освои медали на големата сцена и на настани како што се Евробаскетот, Медитеранските игри и Балканското првенство. Лечиќ ја водеше и Југославија на Европското првенство во кошарка за млади во 1971 година.

За Лечиќ е снимен документарен филм под името „Шестиот играч“ кој ги следи неговите емоционални реакции и гестови на тренерската клупа. Легендата е дел и од документарецот „14 гневни“, во кој се зборува за најдобрите тренери од просторите на поранешна Југославија.

Погребот на Лечиќ ќе биде в среда, на 14. август на гробиштата Бутел.