• Саше Љолес

Тажни вести доаѓаат од Хрватска. Почина Дамир Шолман, еден од најтрофејните југословенски кошаркари на сите времиња и најдобриот стрелец во историјата на поранешниот европски шампион, Југопластика.
Шолман подолго време се бореше со тешка болест, а почина на 74-годишна возраст. Тој е роден во Загреб, а кошаркарската кариера ја започнал во екипата на Младост. Потоа преминa во Сплит и скоро целата кариера ја мина во Југопластика, денешен КК Сплит.
За поранешниот европски шампион настапуваше од 1968 до 1983 година и освои две титули во Југославија, три Купа на Југославија, два Купа „Радивој Кораќ“ и играл во финалето на Купот на победниците на Куповите.
Дамир Шолман е убедливо најдобриот поентер во историјата на Југопластика со 5.783 постигнати поени. Со репрезентацијата на Југославија беше двократен европски шампион, еднаш се закити со светското злато, а има и едно сребро од Мундијалите. Во неговите витрини исто така се наоѓаат и две злата од Медитеранските игри.