Почина човекот кој повеќе од три децении беше дел од МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје остана без човек кој долги години беше дел од колективот. Крсто Станковски, кој повеќе од три децении беше меѓу аеродромци, почина во текот на ноќта, информираат од клубот.

„Со неизмерна тага во срцата, ја информираме јавноста за заминувањето на нашиот Крсто Станковски, кој ноќеска почина на 80-годишна возраст.

Повеќе од три децении беше неразделен дел од МЗТ Скопје Аеродром – култна личност чие присуство, посветеност и љубов кон клубот се вградени во секој наш успех.

Зад себе остави неизбришлива трага и спомени што ќе живеат засекогаш меѓу сите што го познаваа. Почивај во мир, Крсто. Вечна ти слава.“, велат од МЗТ Скопје.

Со заминувањето на Станковски од овој свет, македонската кошарка загуби уште една култна личност оваа година.