• Иван Димовски
Барселона продолжува со градење моќен ростер за новата сезона, а следната цел на каталонскиот гигант е искусниот американец Вил Клајбурн, пренесува „BasketNews“.
Доаѓањето на поранешниот МВП на Евролигата би било нова голема зделка на трансфер пазарот за „блауграна“, која неодамна го претстави и Торнике Шенгелија. Клајбурн летово стана слободен агент по разделбата со Виртус Болоња. Таму во минатата сезона имаше просек од 13,8 поени, 4,7 скока, 2,4 асистенции и 1,1 украдена топка, со индекс на корисност од 15,4 по натпревар.
Има богато искуство на европската сцена, кариерата ја започна во Германија во дресот на Улм, а потоа настапуваше за Хапоел Холон во Израел, Дарушафака во Турција, и најзапаметен период имаше во ЦСКА Москва, каде го освои трофејот од Евролигата во 2019 година и беше прогласен за МВП на фајнал-фор турнирот.
Со неговото можно доаѓање, Барселона би добила играч со искуство, физичка доминација и офанзивен арсенал, кој може да направи разлика на двете страни од теренот.
