По две продолженија срушена храбрата Австралија, Шпанија прв финалист на СП! 

Светскиот шампион од 2006 година, селекцијата на Шпанија не дозволи ново изненадување на Мундобаскетот во Кина и по голема драма и продолженија од пет минути успеа да го скрши отпорот на Австралија и да обезбеди ново финале на еден планетарен собир (95-88). 

„Кенгурите“ од меч во меч играа се подобро и ги освојуваа симпатиите на неутралните фанови, а денес испуштија историска шанса за најголемиот исчекор и борба за златен медал. Двапати имаа напад за победа, но откако не ги искористија, искусната Шпанија казни и патува во финалето на овој турнир. 

  • Извештај од натпреварот: 

Шпанците не делуваа така моќно на стартот од мечот, како што беше случајот во клучните моменти. Во првата четвртина се играше израмнето, додека во продолжение океанската земја влезе во серија, ги сопре сите напади на Шпанија и на одмор замина со водство од пет коша разлика (32-37).

Позитивната игра, Австралија ја продолжи и во третиот квартал. Милс беше незадржлив за „фуријата“ и со неколку врзани поени ја одведе својата селекција на +11, но поранешниот светски шампион брзо се врати во игра и во финалните десет минути влез со поднослива негатива од четири поени. 

Во клучните моменти поискусните кошаркари на Шпанија од минута во минута го топеа водството на противникот, во еден момент стигнаа до само два поени негатива, а на 9 секунди до крајот за првпат поведоа во вториот период (71-70). Австралија имаше напад за победа, но Милс реализира само едно слободно фрлање и мечот влезе во продолженија. 

Во дополнителните пет минути се играше кош за кош, а во последните четири секунди Австралија повторно не погоди за победа, па Шпанија во вторите пет минути и одржа час по кошарка и со 95-88 заслужено обезбеди ново финале. 

  • Играч на натпреварот: 

Марк Гасол со 31 поени беше најпрецизен во редовите на Шпанија, а голема помош доби и од Рики Рубио, кој придонесе со 19 поени и 12 асистенции. Кај Австралија прв стрелец беше Милс со 32 поени.