Пиво, пофалби и спортска почит: Стив Кер со убав гест за српскиот национален тим

Легендарниот американски кошаркар и тренер, Стив Кер, уште еднаш се осврна на полуфиналниот меч од Олимписките игри и рече дека репрезентацијата на САД имала сериозни проблеми со селекцијата на Србија. 

Кер во разговор со американските медиуми ја потенцираше одличната игра на „орлите“ и откри нови детали за разговорот после тешката победа на „дрим-тимот“. 

„Кога излеговме од салата, на паркингот го здогледав лекарскиот тим на Србија. Со нив беше и кошаркарот Добриќ, па решив уште еднаш да им честитам за одличната игра. Зедов неколку лименки пиво од нашиот фрижидер и решив да ги почестам во знак на спортска почит и пријателство“ рече Кер. 

Овие информации ги потврдија и лекарите на српскиот национален тим, кои рекоа дека селекторот на САД бил искажал огромна почит и делувал како огромен професионалец. 

„Да, точно е дека Стив Кер ни подари неколку лименки пиво по натпреварот. Кога дојде до нас, ни рече дека Србија игра феноменална кошарка и жали што двете селекции не можеле да бидат во финалето. Тоа беше убав гест од негова страна. Сепак, се работи за легенда на светската кошарка“, изјави Драган Радовановиќ. 

За потсетување, Србија имаше водство цели 37 минути против „дрим-тимот“ на САД, но на крајот загуби со конечни 95-91.