Питс со поени на две секунди пред крајот го израдува Работнички

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички запиша нова победа во Првата лига во супер-драматично дерби против Еуро Никел (76-74) кое се реши во последните секунди.

Мечот беше изедначен во првото полувреме, а во вториот дел и двата тима имаа по еден блесок во кварталите. Еуро Никел доминираше во третата, Работнички во четвртата, па пристигна интересниот финиш по вкус на сите љубители на кошарката.

Центарци имаа пет поени предност на минута пред крајот, а кога се чинеше дека ќе го приведат мечот лесно во своја корист, Еуро Никел се врати. При резултат 74-69, Бакоч погоди тројка, а откако Лесколт промаши, на спротивната страна казни Марцет и на осум секунди пред крајот беше нерешено (74-74). Следеше тајм-аут за Мираковски, кој подели совети и донесе златни поени за домаќинот, преку Ерик Питс кој влезе од клупата и погоди на две секунди пред крајот. Еуро Никел немаше време да се врати, избрза во нападот и бодовите останаа во „Градски парк“.

Најдобар кај победникот беше Младеновски со 17 поени, Мијатовиќ заврши со 14, а јунакот Питс реализира 13 поени. Кај Еуро Никел центарот Каплановиќ имаше 21 поен, а Бакоч и Караколев уфрлија по десет.

Работнички сега е на делба на втората позиција со Гостивар, а во следното коло игра „вечно дерби“ со МЗТ. Еуро Никел, пак, исто така го чека дерби, на домашен терен против Гостивар.