Пипен: Џордан на почетокот беше ужасен играч, себичен и без тимски дух

Легендарниот американски кошаркар Скоти Пипен веќе трета година во медиумите зборува за начинот на кој бил претставен во серијалот за Мајкл Џордан, „Последниот танц“.

Крилниот центар на шампионскиот Чикаго Булс во неколку наврати го истакнуваше своето незадоволство, но сепак признава дека Џордан заслужил такво портретирање на неговата спектакуларна кариера. Неодамна, Пипен во еден подкаст изјави дека Џордан бил „ужасен играч“ на почетокот од неговата НБА кариера и дека неговите ѕвездени моменти дошле откако Булси го засилиле ростерот на екипата. 

„Џордан беше ужасен, сите ги гледавме неговите игри. Јас пред да дојдам во Чикаго често знаев да ги следам натпреварите на „биковите“. Џордан секогаш сакаше да игра „еден на еден“, многу често грешеше и земаше премногу тешки шутеви кои резултираа со „бунари“ или загубени топки.

На почетокот беше ужасно да се игра со него, беше и себичен, но потоа успеавме да се засилиме, станавме ментално цврсти и прераснавме во шампионски тим, еден од најдобрите во историјата на овој спорт“, изјави Пипен. 

Чикаго Булс се вивна во височините со доаѓањето на тренерот Фил Џексон, а кога во тимот пристигна Скоти Пипен, нештата драстично се сменија и Џордан конечно почна да игра повеќе во корист на тимот, отколку за својот индивидуален успех. Понатаму Булси ја испишаа светлата историја на франшизата и освоија шест шампионски титули во вкупно осум сезони. Тимот по малку се менуваше секоја сезона, но основата и јадрото на екипата беа секогаш исти.

И самиот Џордан во многу наврати изјавуваше дека Скоти Пипен е убедливо најдобриот негов соиграч и дека е неизмерно среќен што го имал покрај себе. Најдобриот кошаркар на сите времиња, во филмот „Последниот танц“, изјави - „да не беше Скоти Пипен, немаше да постои ни Мајкл Џордан“.