Петрушев претставен во Пиреја: Везенков ме убеди да потпишам за Олимпијакос

Она што се најавуваше деновиве, конечно се реализира. Филип Петрушев ја заврши својата етапа во НБА лигата и пристигна во Атина, каде потпиша едногодишен договор со грчкиот гигант, Олимпијакос. 

Евролигашот одамна најавуваше дека сака да му понуди договор на српскиот центар, а Петрушев изрази големо задоволство од ангажманот и е среќен што повторно ќе може да биде дел од елитното натпреварување на стариот континент. 

„Се чувствувам прекрасно и среќен сум што дојдов во Атина. Во НБА лигата доживеав неколку непријатни моменти за кои јас лично не бев виновен, но сега вртам нов лист во мојата кариера и ќе дадам сѐ од себе за да му помогнам на Олимпијакос. 

Имаме големи амбиции и сакаме да го докажеме нашиот квалитет. Уште сум млад, пред себе имам огромен предизвик и сакам соодветно да одговорам на сите задачи од стручниот штаб. Еден од најзаслужните за моето доаѓање овде е Саша Везенков, кој ми кажа само најубави работи за неговиот престој во Атина“, изјави Петрушев пред насобраните грчки новинари. 

Високиот кошаркар летово се надеваше дека ќе успее во НБА лигата, но откако промени дури три клубови, на крајот доби „шут-карта“ од Сакраменто Кингс, по што реши веднаш да се врати во Европа и ќе настапува за трикратниот европски шампион, Олимпијакос.