• Горан Упале

По поразот од Фенербахче во претходното коло, кошаркарите на Црвена Звезда експресно им се вратија на победите во Евролигата и по продолженија ја добија драмата со Монако, со резултат 88-82 (76-76).
Пред речиси 20.000 навивачи блесна Филип Петрушев, кој зад своето име запиша 29 поени и 6 скока, а одличен беше и Ајзеа Кенан со 20 поени и четири скока и една асистенција. На другата страна, по 16 поени запишаа Мотијунас и Блосомгејм. Со овој триумф српскиот гигант е на делба на четвртата позиција со идентичен скор, од 13 победи и 9 порази, како и Монако, Барселона и Панатинаикос.
Екипата на Басконија го приреди изненадувањето на вечерта, затоа што пред својата публика славеше над шампионот Панатинаикос и тоа со убедливи 91-77.
На останатите натпревари Барселона триумфираше над Ефес со 90-80, а Баерн на свој терен загуби од Виртус со 72-82.
Попладнево во Истанбул, Фенербахче на Јасикевичиус го совлада Жалгирис со 98-86.