Петровиќ: Во вториот дел ни се распадна одбраната, а тие повеќе ја посакуваа победата

Кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаја да го изненадат фаворитот Цедевита Олимпија и запишаа четврти пораз во АБА лигата.

По загубениот дуел, на средбата со медиумите свое видување даде тренерот Александар Петровиќ. Тој го призна поразот и посочи кој сегмент бил пресуден во Љубљана.

„Честитки до екипата на Цедевита Олимпија за извонредната партија и победата. Поразот го гледам во третата и четвртата четвртина. Тогаш ни се распадна одбраната и тоа беше причина за загубениот дуел. Не успеавме да го сопреме Ален Омиќ, имаа повеќе желба, а самите скокови зборуваат за тоа бидејќи ги имаа десет повеќе. Ги натеравме да имаат повеќе загубени топки од нас, ама тоа не беше доволно за позитивен резултат“, кажа Петровиќ.

„Штрковите“ имаат задачи во домашното првенство, а веќе следниот петок во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа екипата на Морнар од Црна Гора. Тоа ќе биде нова можност да се израдуваат на втора победа во јадранското друштво.