Петровиќ: Работевме напорно, но нема да ни биде лесно со Работнички

Кошаркарите на Пелистер викендов се враќаат во натпреварувачки ритам по репрезентативната пауза, а сите во таборот на актуелниот вицешампион се свесни дека ќе мора да се игра многу подобро отколку што тоа беше случај во изминатиот период. Следен предизвик за „зелено-белите“ е најтрофејниот Работнички.

„Работевме напорно во овие изминати десетина дена, максимално користејќи ја паузата. Оној пораз од Шкупи беше како гром од ведро небо за нас, работевме на отстранување на грешките, но истовремено и зборувавме многу со самите играчи, за во продолжението од сезоната да влеземе максимално фокусирани. Јас верувам во мојата екипа, имаме квалитетен состав и очекувам да влеземе во посакуваниот ритам“,  изјави Александар Петровиќ, стратегот на битолските „зелено-бели“.

Последниот домашен пораз од Шкупи беше шок за сите во клубот, па на „зелено-белите“ им е јасно дека треба што поскоро да се вратат во својот препознатлив ритам.