• Мартин Танасковски
Кошаркарскиот клуб Пелистер за нов шеф на стручниот штаб го ангажира Александар Петровиќ, искусен стручњак кој во кариерата има покажано дека знае како се креира победничка атмосфера во клубовите во кој работел, но и како се освојуваат трофеи.
Пелистерци по трите плејоф финалиња во низа не ја кријат амбицијата во новата сезона конечно да се искачат на тронот во Купот на Македонија или во домашниот шампионат, па токму затоа изборот за нов шеф на струката падна врз Петровиќ, кој во последната сезона во која работеше во МЗТ Скопје ја освои двојната круна, воедно и успеа да го внесе тимот во АБА-лигата. Новиот стратег делува мотивирано во пресрет на овој проект, што за него претставува и враќање назад во битолскиот клуб.
„Имам работено во Пелистер во сезоната 2007/08. Тогаш бевме на второ место на табелата на половина од сезоната кога решивме да се разделиме, можам да кажам дека за Битола и за Пелистер ме врзуваат само убави спомени. Секако, овој клуб е на едно многу повисоко ниво во однос на тоа време, но и во однос на огромно мнозинство од клубовите во мак-баскетот во моментов. Стабилноста што ја покажа Пелистер во последните години, но пред се желбата на напредок и за освојување на трофеи, слободно можам да кажам дека нашите визии се поклопија и затоа ја прифатив понудата да застанам на чело на овој проект“, изјави Петровиќ.
Петровиќ доаѓа на клупата на местото на Дарко Радуловиќ, додека повеќегодишниот тренер Марјан Илиевски и во новата сезона ќе остане како еден од лидерите на проектот во управата на клубот.
„Останувањето на Илиевски како носител на проектот е многу важна работа, значајна алка за целокупниот колектив и успесите до кои сите сакаме да дојдеме. Тој е човек кој дојде на чело на овој проект уште пред неколку години, учествуваше во неговото создавање, во неговиот раст. Минатата сезона се покажа многу добро и во таа лидерска улога во менаџментот, не се сомневам дека одлично ќе соработуваме“, додава новиот тренер на Пелистер.
Двајцата веќе работат напорно на создавање на играчкиот ростер за новата сезона. Во однос на ланската сезона во тимот сигурно остануваат Костоски и Лука Стојановски, додека од новите засилувања потпишани се Стајиќ, Ташовски, Пандев, Бојиќ и Американецот Брајан Антоан. Целта е во периодот кој следи да се донесе квалитетен играч во рекетот. Веќе е подготвен и планот на подготовки на актуелниот вицешампион на Македонија.
„Моите амбиции се поклопуваат со оние на управата и верувам дека можеме да стигнеме до најмалку уште еден трофеј во сезоната што следи. Во формирањето на екипата настојуваме да најдеме играчи што би ја прифатиле мојата кошаркарска филозофија, играчи кои се агресивни во одбраната, кои ќе играат брза кошарка преполна со енергија. Пред нас се подготовки кои се многу важни, верувам дека ќе влеземе во посакуваниот ритам и уште на почетокот од сезоната ќе го покажеме своето вистинско лице. Во првото коло од АБА2 на домашен терен ја пречекуваме екипата на Широки, меч што ќе биде идеален да се претставиме во вистинско светло и да ги потврдиме на терен амбициите што ги имаме зацртано. Повторувам, јас сум оптимист бидејќи во амбициозен стабилен клуб во кој има простор за работа и за напредок, резултатите нема да изостанат.
Групата во АБА2 е добра за нас, тука е Широки Бријег како тим што е со секогаш високи амбиции во регионалното натпреварување, Подгорица е со подмладен состав во однос на ланскиот ростер, додека Вршац е стандарден клуб во КЛС-лигата, но далеку од оние славни времиња кога го носеше името Хемофарм. Верувам дека ќе успееме да се пласираме во следната рунда, а потоа и да се бориме за уште подобар пласман.“, смета тренерот на битолчани.
Првата прозивка Пелистер ќе ја одржи во Битола на 14 август и таму ќе се тренира две седмици. Потоа клубот ќе замине за Бугарија каде ќе одигра најмалку две пријателски средби. Настапот во АБА-2, Пелистер го стартува во октомври, а дотогаш предвидени се шест до седум пријателски натпревари.