Петровиќ: Ова е историска победа за Пелистер во Битола

Кошаркарите на Пелистер ја преживеаја драмата која сами ја дозволија против Широки (74-72) во рамките на првото коло од групната фаза на АБА2 лигата. За првпат се играше меч од ова натпреварување во Битола, а заврши со среќен крај за домаќините.

По тесната победа анализа на одиграното даде тренерот Александар Петровиќ, кој е среќен и задоволен од резултатот.

„Не требаше да дозволиме да има драма. На четири минути до крај имавме 13 разлика и напад, меѓутоа брзоплетоста доведе до крајно драматична завршница. И на крајот имавме контрола на резутлатот, знаевме што сакаме во нападите и кој играч да завршува кога е најважно. Честитки на моите момци кои дадоа максимум од прв до последен. Навистина игравме во извонреден амбиент, сметам дека на следниот меч ќе имаме и повеќе публика. Среќен сум за првата победа. В сабота не чека меч со Тиквеш, одиме од натпревар во натпревар и треба да играме подобро. Екипата е нова и потребно е време, а ова е голема и историска победа за Пелистер во Битола“, изјави Петровиќ.

Веќе в сабота Пелистер го игра и првиот натпревар од првенството на Македонија против Тиквеш.