• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе ја дочекаат српската екипа Мега Баскет во рамките на осмото коло на АБА лигата. „Штрковите“ имаат една победа и шест порази, а гостинот со две врзани славја доаѓа во Скопје.
Во пресрет на натпреварот, својата анализа и очекувања ги изнесе тренерот Александар Петровиќ. Тој нагласи во кој сегмент МЗТ Скопје мора да биде подобар за да го добие натпреварот и повика на поддршка од трибините.
„Пред нас е исклучително важен натпревар од кој многу ни зависи продолжението од сезоната. Играме против најмладиот тим во лигата, чие најсиллно оружје е трчањето, енергијата и скокот. Ќе го потенцирам Драган Милосављевиќ, кој со своето искуство ги држи конците во тимот на Мега.
Добро го познаваме противникот, знаеме кои се нивните добри и лоши страни, па ќе се обидеме да ги искористиме. Рецептот е да одговориме со добра енергија и квалитетен скок. Ако го сториме тоа ќе можеме да дојдеме до посакуваната победа. Секако, за тоа ќе ни биде потребна и поддршка од трибините, па ги повикувам навивачите да бидат наш шести играч“, кажа Петровиќ.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Мега Баскет е закажан за в недела во СЦ „Јане Сандански“ во терминот од 21:00 часот.