Петровиќ: МЗТ со мислите како да беше дома и кон плеј-офот

Александар Петровиќ, тренерот на МЗТ Скопје, по поразот од Златибор (88-84) во последниот меч од регуларниот дел во АБА-2 лигата, го коментира мечот и истакна дека неговиот тим играл лошо уште од првата четвртина.

„Мечот го загубивме уште во првата четвртина, му дозволивме на противникот да го намести нишанот во шутот за три поени. Во второто полувреме се разигравме, но ниту тоа не беше доволно. Игравме без Војдан Стојановски и Бојан Крстевски, но тоа не е алиби. Имавме шанси на крајот, но не ги искористивме, направивме лична грешка во напад, потоа и неспортска, а сметам дека и фаулот над Протиќ беше непотребен бидејќи можевме да браниме. Моите кошаркари како да се задоволија од победите во првите два меча и со мислите веќе беа дома, бидејќи го освоивме посакуваното прво место од кое влегуваме во плеј-офот“, изјави тренерот на МЗТ.

И покрај поразот во овој натпревар аеродромци одат во следната фаза како првопласирани. Завршницата се игра во Скопје, домашниот терен сигурно ќе биде голема предност за МЗТ.