• Зоран Мишевски

Лошиот распоред на старот од сезоната во АБА лигата, донесе три врзани порази за македонскиот шампион МЗТ Скопје. Но, во последното одиграно коло аеродромци ја искористија својата шанса и ја впишаа првата победа по „кам-бекот“ во елитата на регионалното натпреварување.
Викендов, МЗТ Скопје одново има меѓународни обврски и гостува кај екипата на Цедевита Олимпија. Тренерот Александар Петровиќ го најави дуелот во „Тиволи“, на кој домашниот тим е апсолутен фаворит.
„Пред нас е уште еден натпревар против тим од големата јадранска четворка, кој игра во Еврокупот и кој со квалитетот дефинитивно ќе се замеша во борбата за највисок пласман во АБА лигата. Без разлика на тоа, во Љубљана доаѓаме да се надигруваме и да потврдиме дека формата ни е во нагорна линија. Ќе мора да трчаме во текот на сите четириесет минути и да одиграме агресивно, бидејќи само така може да му парираме на силниот ривал. Наше е да одиграме тоа што ќе го договориме пред натпреварот, па ако ни се укаже некаква шанса да пробаме да го изненадиме фаворитот“, рече Петровиќ.
Натпреварот меѓу Олимпија и МЗТ Скопје се игра в сабота, со почеток од 18:00 часот.