Петровиќ: Без разлика на проблемите спремни сме за добар натпревар со Џокер

Македонскиот кошаркарски вицешампион, Пелистер, веќе е во Сомбор, каде го очекува ново гостување во АБА2 лигата, кај лидерот во групата Џокер.

Пелистерци и на овој натпревар ќе бидат без најголемото засилување Андрија Бојиќ, но тренерот Александар Петровиќ смета дека тимот е спремен за добра претстава и победа.

„Извлековме поуки од првиот натпревар. Скокот одлучи во тоа соочување, противникот имаше 17 скока повеќе од нас и добра реализација за два поени. Ако го исконтролираме скокот и ја спречиме нивната транзиција имаме шанса за добра игра и да се надеваме на победа. Атмосферата во соблекувалната е одлична, имаме мотиви за победа и овој натпревар многу ни значи. Одново имаме кадровски промени, нема да играат Бојиќ и Бошалевски, но не треба да бараме алиби. Еден поединец многу значи, но без разлика на проблемите мислам дека сме спремни за добар натпревар и ако можеме да извојуваме победа“, рече стратегот на пелистерци. 

Натпреварот меѓу Џокер и Пелистер се игра во вторник со почеток од 18:00 часот. Клубот на НБА ѕвездата Никола Јокиќ е лидер на табелата со три победи, додека Пелистер со два порази и една победа е на третата позиција.