Пешиќ: Овој тим на САД е најсилниот во историјата на кошарката

Селекторот на српската репрезентација, Светислав Пешиќ, изјави дека неговиот тим ќе има исклучително тешка задача на Олимписките игри во Париз, каде во групната фаза ќе се сретне со „дрим-тимот“ на Соединетите Американски Држави. 

Американците ќе допатуваат во „градот на светлината“ со неверојатно силен тим, за кој Пешиќ смета дека е најсилниот во историјата на кошарката. 

„Оваа репрезентација на САД е посилна од тимот во 1992 година. Убеден сум во тоа и знам дека се главни фаворити за златниот медал. Се сеќавам на првиот „дрим-тим“ со Џордан, Пипен, Баркли и останатите. Бев таму, работев во селекцијата на Германија и се сеќавам колку беа силни, но овој тим во Париз ќе биде уште посилен. 

Србија има исклучително квалитетни играчи и знам дека со Американците ќе имаме пеколна мисија, но ветувам голема борба до самиот крај и се надевам дека можеме да ги изненадиме. Ние не одиме да ја минеме групната фаза, целта ни е да освоиме медал на Игрите“, изјави Пешиќ. 

Србија ќе настапи во групата Ц на кошаркарскиот турнир во Париз, а таму ќе се соочи со САД, Јужен Судан и последниот квалификант од турнирот во Порторико.