• Мартин Танасковски
Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светислав Пешиќ, изјави дека тимот што САД го испраќаат на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Париз е подобар од славниот „дрим-тим“ на ЛОИ во Барселона во 1992 година.
Сегашната постава вклучува суперѕвезди како Леброн Џејмс, Стеф Кари и Кевин Дурант, кои според Пешиќ формираат посилен тим од Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Лери Брд...
„Овој тим на САД е подобар од оригиналниот „дрим-тим“ од 1992 година. Тогаш бев дел од германскиот состав и сите мислевме дека нема подобри играчи од оние кои тогаш беа во нивниот состав. Сепак, нивниот тим во Париз ќе биде посилен од „дрим-тимот“. Тогаш сите сакаа да се сликаат со нив. Сега работите не се такви“, изјави Пешиќ за Mozzart Sport.
Србија и САД ќе ги одмерат силите во групната фаза на ЛОИ во Париз. Двете селекции се дел од групата Ц во друштво на Јужен Судан и победникот на квалификацискиот турнир во Порторико, каде се Литванија и Италија.