• Саше Љолес
Селекторот на Србија, Светислав Пешиќ, изјави дека неговата репрезентација била феноменална на целиот Мундобаскет и жали за пропуштената шанса во финалето.
„Орлите“ загубија од Германија и стигнаа до сребрениот медал, а селекторот Пешиќ го оцени нивниот настап како исклучително успешен, особено во време кога скоро никој не верувал во нив.
„Игравме храбро и снажно во текот на сите 40 минути. Видовте како одигра и Германија, беа феноменални. Тие на овој турнир успеаја да бидат и доминантни против силни селекции и покажаа дека заслужено се закитија со трофејот. Јас можам само да бидам горд на овие момчиња и да им упатам искрени честитки за сѐ што направија. Србија има светла иднина и не треба да стравува за својата кошарка.
Денес имавме мали проблеми во нападот, особено во второто полувреме. Рано во мечот останавме без Огњен Добриќ, кој е многу важен во нашата ротација, но моравме да се бориме и без него. На 38 секунди до крајот имавме шут за изедначување на резултатот, но не погодивме. Да влезеше таа тројка, ситуацијата ќе беше поинаква, но не гледаме назад и само гордо ќе чекориме во новите предизвици. Заслуживме убав пречек во Белград“, изјави 74-годишниот стратег на српската репрезентација.
Светислав Пешиќ успеа да забележи огромен успех, иако во многу наврати беше оспоруван од некои медиуми и кошаркарски „експерти“. Дел од нив дури го нарекуваа „сенилниот старец“, но тој уште еднаш покажа дека е неверојатен стратег и еден од најдобрите кошаркарски тренери на сите времиња.