Пешиќ: НБА не е кошарка, вистинската се игра во Европа 

Еден од најголемите тренери на сите времиња, Светислав Пешиќ, смета дека вистинската кошарка ја има во Европа, а не во НБА лигата, односно на Стариот континент се игра најдобрата кошарка во светот.  

„Во кошарката, ако сакате да промените ритам, да играте во транзиција и позиционо, тоа се прави во одбраната, не во нападот. Потоа се презема иницијатива во контра, и се контролира играта на начин кој го сакате. Така е во Европа, а не во НБА лигата. Затоа мислам дека во Европа се игра најдобрата кошарка на светот, бидејќи тука можете да видете сè – одбрана, напад, тактика, тројки, забивања, креативност... Во НБА го нема тоа. Секоја вечер гледаме резултати 139-119, 132-115, 109-120... Сите слават, сите се среќни, но тоа не е кошарка“, рече легендарниот стратег. 

Оваа изјава на Пешиќ доаѓа како надоврзување на една негова реченица од пред неколку месеци, кога рече дека натпреварите од регуларниот дел од Евролигата се еднакви како на плеј-офот на НБА.