Пешиќ: На Теодосиќ му кажав вo лице дека имаме подобри играчи од него

Пешиќ

Светислав Пешиќ одржа прес-конференција, на која за првпат зборуваше за Милош Теодосиќ и неговото изоставување од списокот за настап на Европското првенство.

Српскиот селектор изјави дека имал директна комуникација со плејмејкерот и му кажал дека тој ќе смета на играчи кои моментално се подобри од него.

„Моравме да донесеме некои одлуки поврзани со селекцијата на тимот. Ваквите одлуки наидуваат на различни коментари, особено кога станува збор за Теодосиќ. Немав време да го информирам тимот, а сите веќе објавија дека Теодосиќ е пречкртан, а што е уште полошо - елиминиран. Јас сум селектор на репрезентацијата и моја работа е да го тренирам тимот и да обезбедам максимален мир.

Имавме добар разговор со Теодосиќ, одлуката е моја. Нормално не беше лесна. Можеби беше малку изненаден, но тоа е дел од спортот. Директно му кажав кога ги видов другите играчи на таа позиција дека не можам да му го понудам статусот и позицијата што ја има. Секако, имаше многу дискусии на таа тема, дека тој е капитен, дека може да остане, да биде во тимот, да биде резервен играч. Тоа беше темата, но тој не е таков играч. Никогаш не бил човек кој влегува од клупата. Искрено му кажав дека на таа позиција имаме подобри играчи од него. Тој ми се заблагодари и јас му се заблагодарив...“, рече Пешиќ.

Србија ќе биде дел од во групата Д на Евробаскетот, каде ќе се надигрува со репрезентациите на Финска, Полска, Чешка, Холандија и Израел.