• Саше Љолес

Селекторот на српската репрезентација, Светислав Пешиќ, зборуваше со медиумите во пресрет на четвртфиналната пресметка од Светското првенство, во која „орлите“ ќе се соочат со силната Литванија.
Пешиќ беше задоволен од изданието на неговите кошаркари на мечот со Доминканската Република и изјави дека очекува сличен пристап на важниот дуел со Литванците.
„Против Доминканците одигравме одлична одбрана. Бев задоволен од нашата дефанзива, а за нападот можам да кажам дека беше просечен, но доволен за важна победа. Против Литванија мора да одиграме извонредно, без ниту една грешка. Видовме дека се многу силни во секој сегмент и ќе мораме сериозно да пристапиме уште од првата секунда.
Се соочуваме со проблеми, но ние сме Србија и нема да бараме никакво „алиби“. Се надевам дека момчињата ја сфаќаат сериозноста на предизвикот и ќе одговорат максимално на сите задачи од стручниот штаб. Ако сакаме да победиме, мора да го одиграме најдобриот натпревар досега“, заклучи Пешиќ.
Србија и Литванија ќе играат во меч за пласман во полуфиналето. Се очекува спектакуларна „пресметка“ помеѓу две кошаркарски велесили, а натпреварот е закажан за петти септември, со почеток во 10:45 часот по македонско време.