• Саше Љолес

Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светислав Пешиќ, се огласи првпат по завршувањето на Олимписките игри во Париз и за домашните медиуми изјави дека „орлите“ забележале огромен успех кој дава многу надеж на иднината.
Србија успеа да го освои бронзениот медал во „градот на светлината“, а Пешиќ смета дека националниот тим има светла иднина и го нарече Никола Јокиќ „џин кој е вистински лидер на тимот“.
„Мислам дека се претставивме во одлично светло. Сите жалиме за поразот од САД, зашто знаеме колку бевме близу до сензација. Имаме светла иднина за српската кошарка, а јас би сакал што почесто да го гледам Јокиќ во националниот тим. Тој е нашиот џин, вистински лидер на тимот и со него сме секогаш посилни. Тука е секако и Богдановиќ, но и останатите, нашиот тим плени со талент.
Имаме многу квалитетни играчи кои можат да одговорат на сите предизвици. Покажавме дека немаме страв од никого, туку напротив, влеавме страв кај нашите ривали. Да продолжиме каде што застанавме, без разлика на тоа кој ќе биде селектор“, изјави Пешиќ.
Српската јавност посакува искусниот стратег да остане на кормилото на репрезентацијата, но тој најави дека сериозно ќе размисли дали ќе продолжи, особено поради фактот шо веќе има полни 75 години.