• Саше Љолес
Светислав Пешиќ беше презадоволен од победата на неговите момчиња над Литванија со 87-68 и пласманот во ново полуфинале на Светските првенства. Србија ја „размонтира“ балтичката селекција, а селекторот имаше само пофални зборови за својот тим.
„Имам многу да кажам. Бевме повторно одлични во одбраната, а денес и нападот функционираше подобро. Го одигравме најдобриот натпревар на турнирот и сакам да не застанеме тука. И покрај сите проблеми, денес видовме каков потенцијал имаат овие момчиња. Тие заслужуваат да се борат за медал и ќе дадеме сѐ за тој успех.
Утре ќе имаме слободен ден. Првпат по 13 август, екипата ќе има еден ден за регенерација на силите и ментална подготовка за полуфиналниот меч. Литванија е силен тим, но ние мораме да се пофалиме, без никој да ме разбере погрешно. Ова е начинот на кој мора да играме, со нашата цврста одбрана им ги создаваме проблемите на противниците. Најдобар тим сме во „фаст-брејк“ транзиција, со над 25 поени по меч.
Резервните кошаркари исто така почнаа да играат важна улога. Тоа ме радува многу, затоа што од првиот ден работевме на конкретни улоги за сите играчи во тимот. Сите кошаркари дадоа сѐ од себе и сосема заслужено патуваме во полуфиналето.
Денес ќе славам, не толку поради победата, туку повеќе за начинот на кој се прикажуваме на овој Мундобаскет. Одиме напред“, рече селекторот Пешиќ и воедно изрази голема поддршка за Бориша Симањиќ, кој го загуби бубрегот по еден дуел на мечот со Доминканската Република.
Србија го чека својот ривал во мечот кој носи пласман во финалето. „Орлите“ ќе се сретнат со подобриот од дуелот меѓу Словенија и Канада.