• Саше Љолес
Репрезентацијата на Србија триумфираше на последниот подготвителен натпревар во пресрет на Светското првенство. „Орлите“ беа поуспешни од Бразил и славеа победа со резултат 89-85.
Натпреварот се одигра во кинескиот град, Шенжен, а селекторот Светислав Пешиќ им даде одмор на неколкумина важни поединци, меѓу кои беа Богдановиќ и Милутинов.
Србија долго време беше во егал со противникот, а клучните моменти се случија при самиот крај на мечот. Никола Јовиќ погоди многу важна тројка на минута пред крајот и таа се покажа како пресудна за триумфот на нашиот северен сосед. Точка на победата стави Огњен Добриќ со уште една тројка, погодена со звукот на сирената.
Најефикасни кај победничката селекција беа Филип Петрушев со 17 поени и пет скокови, а зад него следуваа Алекса Аврамовиќ и Никола Јовиќ, кои постигнаа уште по петнаесет поени. Ова беше последен контролен меч за српската репрезентација и момците на Светислав Пешиќ наскоро заминуваат на Мундобаскетот. Србија ќе игра во својата група заедно со Кина, Порторико и Јужен Судан.