Перо Антиќ ги „отвори“ картите: Кошарката пак да ни биде спорт „број еден“!

Под името „Спортот на спортистите“, кандидатот за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Перо Антиќ, ја презентира програмата со која ќе го напаѓа тронот на „куќата на кошарката“.

Во конгресната сала при СЦ „Борис Трајковски“, Антиќ беше првиот од најавените кандидати кој излезе со своја програма и тим со кој најавува работа за подобрување на кошарката во нашата земја. Во тимот на трикратниот освојувач на Евролигата се уште македонската легенда Тодор Гечевски, како и некогашниот кошаркар Владимир Георгиевски.

„Мора да се почне од обезбедување на генерален партнер на лигите. Во завршни преговори сме, но пред се треба да поминат изборите за да се финализира тоа. Што би значело тоа? Тие котизации што се од секој клуб, таа сума да биде сведена на награден фонд, затоа што освен трофејот како задоволство, клубовите немаат добивка. Котизациите се многу високи, ќе ја намалиме за 20%, а во текот на мандатот ќе гледаме да се сведе на минимум. Исто е и за казните. Казни мора да има, но не треба да биде дека федерацијата живее од тие казни. Мора истите да ги намалиме, а дел од нив да бидат со 50% пренасочени во сите други здруженија.  Сакаме и финансиски стимул во женската кошарка. Ќе бараме од секој сектор да се даде поголем епитет за развој на женската кошарка, затоа што знаеме на кој стадиум ни е сега, а со инвестиција во женската кошарка, ќе имаме поголем напредок уште од стартот. Сакаме да најдеме и спонзор за опрема на клупско ниво, односно сите да можат да набават опрема за тренинг и натпревари. Со нашите врски и познанства, мислам дека Македонија ќе има една добра соработка со сите европски федерации“, изјави Антиќ.

За сениорските репрезентации говореше Тодор Гечевски. Кавадарчанецот кој е легенда во мак-баскетот истакна дека целта на ова раководство доколку дојде на раководните функции ќе бидат младинските категории, како и континуиран настап на Македонија на Европските првенства, нешто што беше случај во минатото.

„Знаеме каде беше сениорската репрезентација. Учествуваше на неколку ЕП во континуитет, а сега сме во квалификации за квалификации за големиот собир. Ние како тим, сакаме да обезбедиме многу подобри услови за членовите на нашата репрезентација, односно подготовките да се одвиваат во европските спортски центри. За да имаме добри резултати, ни се потребни реномирани тренери од странство за едукација и за помош. Сакаме сите да бидат горди да го носат националниот дрес. Сакаме да бидат сигурни кога играат за Македонија.  За да имаме сениорска репрезентација на такво ниво, мора да имаме и добри младински категории. Без нив нема ниту клубови, ниту репрезентација. Сакаме да дадеме голем акцент на развојот и на помош на сите младински школи, кои имаат во интерес да создадат нови репрезентативци и клупски играчи. Исто така, сакаме и објект кој ќе биде во корист на МКФ, а ќе се има сала, вежбалница и секакви услови, за младите кои сакаат да се занимаваат професионално со кошарка, да работат и да напредуваат.  Тука ќе ги споменам и лигите. Сакаме генерален спонзор на лигата, кој би ги покрил трошоците на натпреварување, за да се намалуваат котизациите. Ќе ги искористиме сите наши врски и конекции како кошаркари, за македонските клубови да играат во Европа“, изјави Гечевски.

Во сферата на маркетингот, зборуваше Владимир Георгиевски.

„Сакаме да формираме нешто што досега не било пракса и формирано, а во европските земји на голема врата се користи. Сакаме да воведуваме нов сектор за маркетинг, чија задача ќе бидат само маркетинг-активностите. Тој сектор нема да биде само на Федерацијата, туку ќе биде поврзан и со клубовите и со сите тела на Федерацијата. Исто, ќе се работи и развивање на дигиталниот маркетинг, односно искористување на интернетот и можностите за повзрување на европските клубови со нашата земја. Тука се и „Фејсбук“ и „Инстаграм“ мрежите, како и „Јутуб“ канал на Федерацијата, на кој ќе може да се следат сите натпревари од лигата во секој момент. Планираме и членска картичка, која ќе носи привилегии. Ќе биде наменета за сите што на секој начин се поврзани со Федерацијата“, изјави Георгиевски.

Мотиви за кандидатурата на Антиќ за претседател се намалување на интересот за кошарката игубење на епитетот спорт број еден во земјата. Голем пад на македонската кошарка на ранг-листата на ФИБА, лошите резултати на сите селекции. Недостасток на професионални подготовки, недостик на менаџерска способност за изнаоѓање на нови спонзори, деградирање на судиите со делегирање на судии од странство, неосновано зголемување на котизациите и слично.

Целите на тимот на Антиќ, пак, се да се врати кошарката на местото спорт број еден, редовно да се учествува на ЕП, се најавува поголем акцент на младите, квалитет на лиги, рразвој на женска кошарка, регулирање на бројот на странци, едукација на тренери, пренаменување на средствата од казните на клубовите и слично.

Изборите за прв човек на „куќата на кошарката“ веќе се распишани и ќе се одржат на 15 мај. Покрај Перо Антиќ, најавена е и кандидатура на Владимир Темелковски, актуелниот спортски директор при МКФ, а не е исклучена можноста да има и уште некој(и) кандидат(и).