• Саше Љолес
Хрватскиот репрезентативец, Иван Перишиќ, ја остави во неверување публиката во „Штарк Арена“, кога се појави на натпреварот од АБА лигата помеѓу Партизан и Црвена Звезда.
Фудбалерот на Тотенхем се опоравува од повредата и се наоѓа на рехабилитација во Белград, а во салата влезе со помош на патерици и како пишуваат дел од српските медиуми, „приреди мал шок на дел од присутните навивачи“.
Перишиќ дојде со кондициониот тренер, Андреја Милутиновиќ, и го проследи големото јадранско дерби меѓу вечните градски ривали. Веднаш беше „уловен“ од неколку камери и телефони, а пред да го заземе своето место во првите редови, беше пречекан од хрватскиот тренер, Александар Петровиќ, братот на големиот Дражен Петровиќ.
Медиумите кај северниот сосед пишуваат дека не се баш навикнати на вакви глетки на големите белградски дерби-мечеви, но со восхит и пријателство го прифаќаат потегот и потсетуваат на едни други времиња, кога неговото појавување би било незамисливо. Дел од новинарите пишуваат дека „хрватските спортисти се секогаш добредојдени во Србија“, а други дека „време е одредени нешта да се остават во минатото“.
Потврда за овие наводи дојде и од самата публика, која во ниту еден момент не упати никакви навреди за Хрватите, туку напротив, имаше и дел од нив кои не ја пропуштија приликата да се фотографираат со ѕвездата на Тотенхем.