Перез го носи хитот на сезоната во Реал Мадрид за 1,2 милиони евра по сезона

Реал Мадрид е пред официјална промоција на новиот тренер на кошаркарскиот тим. Раководството на клубот, предводено од претседателот Флорентино Перез, одлучи довербата да му ја укаже на искусниот шпански стратег Педро Мартинез, кој зад себе има извонредна сезона со Валенсија.

Шеесет и петгодишниот тренер ја предводеше Валенсија до шампионската титула во шпанското првенство, освојувајќи го вториот национален трофеј со клубот. Покрај успехот на домашната сцена, неговиот тим стигна и до завршниот турнир во Евролигата, со што дополнително ја потврди својата тренерска репутација.

Според информациите од Шпанија, Мартинез ќе потпише тригодишен договор со Реал Мадрид, додека мадридскиот клуб ќе ѝ исплати на Валенсија обесштетување во висина од еден милион евра за предвремениот раскин на неговиот договор.

Се очекува ангажманот наскоро и официјално да биде потврден, а шпанските медиуми наведуваат дека Мартинез ќе заработува околу 1,2 милиони евра по сезона на клупата на „кралевите“.