„Пенал-победи“ за ЦСКА и Баерн, доминација на Реал и Валенсија

ЦСКА Москва се намачи, ама со победа против Олимпијакос во Пиреја (74-75) им се врати на успесите во кошаркарската Евролига, по два порази во серија.

Московјани до посакуваниот резултат дојдоа на две секунди пред крајот. Губеа со еден поен, а Џејмс Мајк изнуди три слободни фрлања и ги реализира две. Во последниот напад Олимпијакос се обиде да дојде до победа со тројка на Принтезис, ама не погоди.

Токму Џејмс беше прв стрелец кај ЦСКА со 15 поени, пред Воигтман со 14 поени, додека кај Олимпијакос одличен беше Мекисик со 24 постигнати поени. На овој меч, легендата Василис Спанулис го одигра 350. дуел во Евролигата.

Олимпија Милано на домашен терен ја продолжи мизеријата на Химки (84-74). Рускиот тим е далеку од старата форма во Евролигата, оваа сезона игра катастрофално и затоа е закован на дното. „Манекените“ до победа ги водеше Шилдс со 17 поени, додека кај Химки, најдобар беше Мики со 23 поени и 11 скока.

Баерн Минхен слично како и ЦСКА со две слободни во самиот финиш го совлада тимот на Макаби Тел Авив (72-70). Балдвин и Рејнолдс беа лидери на „баварците“ со 16 и 15 поени, додека кај израелската гордост хрватскиот центар Зизиќ имаше 18 поени и 10 скока.

Реал Мадрид на домашен терен ја оправда фаворитската улога и го надигра Жалгирис (70-58). Прво име кај „кралевите“ беше Дек со 14 поени, пред Томпкинс со 12 поени, додека кај литванскиот првак Јанкунас имаше 13 поени.

Доминантна беше и Валенсија на гостувањето кај Зенит (62-91) во Санкт Петербург. Дубљевиќ со 19 поени, како и Калиниќ и Тоби со по 12 поени беа најдобри кај „лилјаците“, а кај Зенит, Појтрес постигна 12 поени.